Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата со наслов „Жени лидери“, која ја отвори претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Љубљана, Словенија.
„За економски развој не е доволен само економскиот раст. Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, кој може да е повисок и до 30 % во економиите во развој имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд. Исто така, според истражувањата во оваа сфера, за тоа придонесуваат и посебните карактеристики и вештини со кои вообичаено располагаат жените како работнички, како повисоката одбивност кон ризик, прагматичноста, емпатијата и др.“ Ова се дел од пораките од учеството на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на собирот од високо ниво.
Во своето излагање гувернерката посочи дека родовата нееднаквост сè уште претставува еден од клучните глобални предизвици, кој по пандемијата стана уште поизразен. Притоа истакна: „ Во глобални рамки пандемијата доведе до укинување на 54 милиони работни места пополнети од жени, со што се намали стапката на учество на жените во работната сила на 47 % и се зголеми јазот во однос на мажите, чија стапка на учество во работната сила е 70 %. Во македонската економија учеството на жените во работната сила е околу 40 %, а оние жени што се активни се помалку застапени на раководните позиции и се платени помалку од мажите за 20 %.“ Гувернерката нагласи дека сепак постојат и добри примери во нашето општество, како Народната банка, каде што 71 % од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени.
„Заради побрза конвергенција кон ЕУ и покрај тековните предизвици, потребно е да не се оддалечуваме од решавањето на структурните прашања применувајќи реформи со кои ќе се подобри нашиот потенцијал за раст и кои ќе нè приближат кон европското семејство“, посочи Ангеловска-Бежоска. За тоа ни е неопходна и поголема вклученост на жените во општеството, која може да се постигне преку холистички пристап на креаторите на политиките.